Факторинг претставува финансиска активност со која една фирма ги продава своите побарувања од купувачите на финансиски посредник – фактор (банкафинансиско друштво итн.) по намалена (дисконтирана) вредност, а потоа факторот ги наплатува побарувањата од должниците.

Договорот за факторинг се дефинира како договорен однос помеѓу една страна — добавувач (клиент) и друга страна — финансиски посредник (фактор) според кој:

  • клиентот со попуст (дисконт) му ги пренесува на факторот своите недостасани парични побарувања, а кои произлегуваат врз основа на договори за продажба на стока или услуги помеѓу него — клиентот и неговиот купувач (должник),
  • а факторот се обврзува за соодветен надомест да прифати да ги наплати тие побарувања, доколку смета дека платежната способност на должниците на клиентот е добра, со известување на должниците за таквиот пренос, без оглед дали клиентот или факторот го сносат ризикот за наплата на тие побарувања.

Битен услов за постоење на договорот за факторинг е известувањето на должникот за преносот на побарувањата. Имено, продавачот на побарувањата (клиентот) треба да го извести својот должник дека побарувањата му ги пренесол на факторот, иако известувањето може да го изврши и самиот фактор. Инаку, договорот за факторинг има потраен карактер, бидејќи тој може да се однесува не само постоечките недостасани побарувања, туку и за пренос на идните побарувања. Сепак, најчесто договорот за факторинг се склучува за одреден временски период и тој ги вклучува сите парични побарувања што ги има клиентот, а не само одредени поединечни побарувања или трансакции.